Вим Вендерс е роден на 14. август 1945 год. во Дизелдорф како Ернст Вилхелм Вендерс. Кога имал шест години, родителите му подариле стар рачен кинопроектор и стари филмови на Чарли Чаплин и Бастер Китон. На десетгодишна возраст, секој од филмовите го имал гледано по илјадапати. Подоцна, во младоста, многу го привлекува американската култура, особено филмовите и рок-музиката.
На 18-годишна возраст почнува студии по медицина во Минхен, кои набргу ги напушта, па студии по философија и социологија во Дизелдорф, кои исто така бргу ги напушта за да му се посвети на сликарството. Токму затоа и се сели во Париз. Таму работи како гравер во работилница на Монмартр и секоја вечер ги посетува киносалите на Француската кинотека, на чии чело во тоа време се наоѓа легендарниот Анри Ланглоа, кому подоцна Вендерс ќе му го посвети филмот „Пријател од Америка“. За една година во Париз, Вендерс успева да види повеќе од илјада филмови, пред сè вестерни и американски комедии.
Во 1967 година се враќа во Германија и почнува поинтензивно да се занимава со филм. Во Минхен, посетува предавања на Високата школа за телевизија и филм и редовно пишува филмски критики во специјализираната ревија „Филмкритик“ и во дневниот весник „Суддојче Цајтунг“. Во тој период почнува да снима и кратки филмови под влијание на т.н. „Минхенска школа“, кои го претставуваат воедно и почетокот на т.н. „Нов германски филм“.
Во 1970 година го режира својот дебитантски игран филм, „Лето во градот“ со што отпочнува една успешна кариера, крунисана во 1981 година со „Златен лав“ во Венеција за филмот „Состојба на нештата“, понатаму со „Златна палма“ во Кан во 1984 година за „Париз, Тексас“, со наградата за најдобра режија во Кан во 1987 година за „Небото над Берлин“ и со уште многу други меѓународни награди и признанија. Во 1989 година Вендерс станува почесен доктор на Сорбона.
Added by kinotekamk on September 6, 2010