Амбасадата на Република Австрија Ве поканува на проекцијата на документарниот филм „Архитектура на сеќавањата/ Спомениците на Богдан Богдановиќ“ („Arhitektura sjećanja/ Spomenici Bogdana Bogdanovića”), која ќе се одржи на 30 септември (четврток) со почеток во 17:30 часот во киното Фросина.
Богдан Богдановиќ е познат белградски архитект, урбанист, надреалистички уметник и писател, универзитетски професор и некогашен градоначалник на Белград; во периодот од педесеттите до осумдесеттите години на минатиот век има створено 20 импозантни споменици како протест против војната. Спомениците се распределени на целата територија на поранешна Југославија. Рајнхард Саис, авторот на филмот, одбира и зборува за седум негови споменици. Почнувајќи од меморијалниот споменик на Еврејските гробишта во Белград, преку „Градот на мртвите“ во Мостар, па се` до најпознатиот споменик во некогашниот концентрационен логор на југословенските простори Јасеновац, Саис укажува на неадекватното документирање на архитектонските дела на Богдановиќ.
Филмот ја поврзува надреалистичната архитектура со литературата на Богдановиќ, одразувајќи ја преку нив историјата на Југославија и сегашноста на она што остана од неа.
Авторот на филмот д-р Рајнард Саис (Dr. Reinhard Seiss) е урбанист, професионален новинар и филмски режисер кој живее и работи како проектант во Австрија, Германија и Русија. Пишува за урбанистичките прашања за неколку меѓународни весници и магазини, радио и телевизиски продукции. Како член на Германската академија за урбанизам и просторно планирање, одржува и бројни предавања.
Филмот ќе биде прикажан со српско-хрватски превод (нема да има ни англиски, ни македонски превод). По презентацијата, заинтересираните ќе може да дискутираат со австрискиот архитект и автор на филмот д-р Рајнхард Саис.
Added by kinotekamk on September 28, 2010