Во сабота (4 декември) во 19 часот во галеријата на Кинотеката на Македонија ќе биде отворена изложбата на илустрации од Биљана Кајевиќ, насловена како „Приказни за мали деца“.
Изложбата се состои од 68 дела, односно четири целини: илустрации од циклусот „Кукли и состојби“ (5 масла на платно и 7 принтови), понатаму илустрации од проектот со работно име „Метаморфози“ (сликовница за животни, 5 илустрации во облик на дигитален принт и 35 илустрации во комбинирана техника (гваш и моливи во боја)), илустрации од проектот со работно име „Елементали“ (сликовница за деца, 8 илустрации во облик на дигитален принт) и векторски илустрации од проектот со работно име „Буквар“ (типографски буквар, 8 дигитални принта).
Кратка биографија на авторката:
Биљана Кајевиќ дипломира на Факултет за ликовни уметности кај професор Рубенс Корубин во 1994 година. Од 1995 до 1997 година, работи за одделот за филателија при Пошти на Р.Македонија на дизајн на поштенски марки и разгледници. Марката од серијата „Олимписки игри во Атланта“ се најде во најтесниот избор на 14 марки од 60 земји во светот за наградата „Олимпија“ во организација на МОК и Меѓународната федерација на олимписката филателија. Во 1998 година изработува илустрации за едукативна детска книга за животни по нарачка на дизајн студиото при Огласник М. Дел од тие илустрациите учествуваат на Меѓународниот саем на детска книга одржан во 2006 година во Болоња, Италија.
Од 1999 до 2001 година работи како дизајнер за Трето уво продукција (плакати, story-board за филмот Тајната книга).
Од 2001 до 2008 година работи на илустрации, дизајн на логоа, корпоративен дизајн, дизајн на промотивни и музички ЦД-а, дизајн на ентериери и слично за разни нарачатели.
Во меѓувреме се бави со фотографија (дигитална фотографија и компјутерска манипулација). Дел од нејзината работа во дигиталната фотографија се најде во грчкиот часопис за уметност и дизајн Project Amoeba Mag – мај 2008.
Од 2009 година работи како дел од тимот за внатрешно уредување на Музејот на македонската борба.
Во јуни 2010 година се случува нејзината прва самостојна изложба во Безистенот во Штип.
Added by kinotekamk on December 2, 2010