Проекции: 29.02.2012 (среда), 20.00 часот
„Рака“
Рака е последниот филм на Јиржи Трнка, направен неколку години пред неговата смрт во 1969 година. Според многумина, „Рака“ претставува негов најконтроверзен филм, во кој тој користејќи ја својата уметничка слобода и искреност ни го отсликува своето гледиште за тоталитарниот режим и неговите обиди за ограничување на уметничката слобода.
Приказната е за еден уметник - скулптор, чие спокојство ќе биде нарушено од една џиновска рака, која ќе го тера да ваја исклучиво нејзини реплики, притоа оневозможувајќи му да твори по своја желба. Неоспорна е идентификацијата на Раката со моменталниот систем во кој живеел и се обидувал да твори Трнка, заради што неговото последно дело дваесет години после неговата смрт ќе биде криено од јавноста.
RUKA
(Hand)
1965 година / 18 минути / 35 мм
Сценарио: Јиржи Трнка (Jirí Trnka)
„Прериска песна“
Конципиран како пародија на класичните вестерн филмови, „Прериска песна“ претставува музичко патување низ американскиот див запад. Инспириран од филмовите на Џон Форд, филмот ни ја раскажува приказната за двајца патници, убава девојка во кочија и млад осамен каубој, кои случајно се сретнуваат среде пустината комуницирајќи и разменувајќи чувства единствено преку песната. Откако девојката и нејзината придружба се нападнати од мексикански бандити, настапува храброста на осамениот каубој.
За успехот на овој филм говорат бројните награди коишто ги добил, меѓу кои и „БАФТА“ награда за најдобар анимиран филм во 1955 година.
ARIE PRERIE
(Song of the Prairie)
1949 година / 23 минути / 35 мм
Сценарио и режија: Јиржи Трнка (Jirí Trnka)
„Приказна за контрабасот“
Приказната за контрабасот го претставува зрелиот период од творештвото на Јиржи Трнка. Станува збор за елегантно конципирана екранизација на истоимената приказна на Антон Чехов, пренесена на еден карактеристичен за Трнка лирски начин, музички опевајќи ја љубовта и убавината. Главен лик е свирачот на контрабас Смичков, кој еден летен ден, капејќи се во езерото ќе здогледа една заспана убавица, во која веднаш се заљубува. После след на чудни околности и двајцата ќе се најдат голи во езерото, со украдени алишта. Единствен излез е контрабасот и неговиот куфер.
ROMÁN S BASOU
(Story of the Bass Cello)
1949 година / 13 минути / 35 мм
Сценарио: според Антон Чехов
Added by kinoteka on February 26, 2012