Проекции: 29.10.2012 (понеделник), 22.00 часот
ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМОВИТЕ НА ГАРВАНЛИЕВА И КАРАМУЧО ВО КИНОТЕКА
Влезот е слободен. Проекцијата трае 75 минути. Филмовите се на турски, македонски и албански јазик со англиски титл. Авторите ќе бидат присутни на проекцијата.
„Девојчето што бере тутун“ на Билјана Гарванлиева
Девојчето што бере тутун е филм за 14-годишното девојче Мумине, кое со својата фамилија живее само од одгледување на тутун. Еден килограм тутун чини 3 евра, а една мома 3000 евра. Така и Мумине еден ден ќе биде дадена на својот иден маж за пари. Таков е обичајот кај Јуруците. Но, Мумине се бунтува против оваа традиција. Таа не дозволува нејзините родители со неа да заработуваат пари, дури ако треба и да избега од дома. Нејзината мајка и се заканува дека ако не ја почитува традицијата ќе биде засекогаш протерана од дома. Таа има две можности: да се омажи или да оди на училиште и да се ослободи од традиционалниот селски живот. Мумине знае дека ако остане во селото, не и останува ништо друго освен да раѓа деца и да ниже тутун. За првпат во животото таа го посетува Скопје, каде студира нејзината сестра и го вдишува воздухот на слободата. Филмот ја следи Мумине скоро цела година, на нејзиниот пат да го најде своето место во животот - помеѓу традицијата и модерната - и притоа дава еден емотивен поглед во автентичната култура на Јуруците во Македонија.
„Девојчето што бере тутун“ се здоби со номинација за највисоката германска национална награда Златна Лола, која е еквивалент на Оскарот. Меѓу бројните награди најзначајна е наградата Џулиан Бартел за најдобар германски документарен филм во 2010 година.
„Шивачките“ на Билјана Гарванлиева
Талентираните луѓе како една сликарка и поетеса, кои не успеале да си отидат од Штип имаат само еден избор за да преживат, а тој е да бидат шивачки. Тие мора да работат цел месец, ако сакаат да купат само една од кошулите што самите ги сошиле. И додека сите жени се вработени, мажите имаат помалку среќа и тешко се вработуваат. Кој горделив маж сака да биде издржуван од својата жена? Ваквата смена на улогите помеѓу мажите и жените создава една ситуација со голем потенцијал за конфликти.
„Чиво е ова знаме“ на Барис Карамучо
Режисерот Карамучо ја става на вага претставата за националниот идентитет на смрзнатите Косовари, кои на студ го кажуваат своето мислење за новото контроверзно знаме. Интервјуата ја следат главната нишка во филмот - учителката во градинка им објаснува на малите деца за сината, белата и златната боја, за кои сите се караат.
Заедничката проекција на Гарванлиева и Карамучо е дел од документарниот проект Балкан Икспрес (Balkan Xpress) на авторката Ивана Квесиќ од Швајцарија. Седум режисери од поранешна Југославија сакаат да тргнат заеднички на пат од Македонија на филмскиот фестивал во Швајцарија и притоа да се запознаат меѓусебно како и земјите од кои доаѓаат. Режисерот Карамучо го опсервира патувањето со својата камера. Овој оригинален проект-изложба ќе биде премиерно презентиран од 7 до 11 ноември на најреномираниот интернационален фестивал за краток филм Винтертур во Швајцарија. Во рамките на фестивалот ќе биде прикажан филмот на Гарванлиева, „Шивачките“, како и филмот на Карамучо. Проектот е поддржан од Винтертур, како и од Кинотеката на Македонија.
Added by kinoteka on October 27, 2012